Прејди на содржината

Јован Крстител

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Свети Јован Крстител)
Свети Јован Крстител
Јован Претеча со крилја, претставен на фреска во Осоговскиот манастир
Пророк, Видовит, Крстител, Маченик, Сведок[1]
Роден(а) 5 п.н.е.,
Починал(а) 36 CE
Почитуван(а) во православие, католицизам, ислам, асирско православие, источни католички цркви, древноисточни цркви, англиканство, лутеранство, мандеанизам
Главно светилиште Ерусалим
Слава 24 јуни
Обележја крст

Јован Крстител или Јован Претеча (старословенски: Іоаннъ Крестѧи, хебрејски: יוחנן המטביל, Yoḥanan ha-mmatbil, старогрчки: Ἰωάννης ὁ βαπτίζων, арапски: يحيى Yahyá или يوحنا المعمدان Yūhannā al-maʿmadān, арамејски: ܝܘܚܢܢ Yoḥanan)[2] — важен светец во христијанството, братучед на Исус Христос според Евангелието по Лука и човекот што го крстил во реката Јордан. Со оглед дека оваа главна улога на Свети Јован се остварила на денот на Богојавление (19 јануари), древната Црква денот по Богојавление му го посветил на неговиот спомен.

Јован Крстител најверојатно имал голема улога во првите векови во христијанството, а според некои, тој дури имал и поголем број на верници. Денеска, во христијанството, Јован се смета за светец и маченик. Во исламот е познат како пророк Јахја ибн Закерија. Медејците, пак, го сметаат за единствен и вистински месија.

Делумно хеленизираната еврејска територија била под власта на Римското Царство, но меѓу евреите постоела голема надеж околу создавање на сопствена држава и независност. И покрај тоа што периодот кога живеел Јован Крстител бил прилично мирен во земјата, римските владетели биле во постојан страв од можни востанија, нереди и слично. Ирод Велики, кој бил поставен за крал на земјата од страна на римскиот сенат во Галилеја, Јудеја и Самарија, владеел во периодот од 37 п.н.е. до 4 година.[3]) По неговата смрт, Римјаните кралството го поделиле помеѓу неговите синови, а Ирод Антипа владеел со Галилеја, но не и со Јудеја, која станала посебна римска провинција.[4]

Во тоа време постолеле неколку верски движења или секти. Фарисеите верувале во воскресението на мртвите, божјата правдина.[5] Садукеите пак биле конзервативци, држајќи ја власта во храмот и не верувале во воскресението. Есените пак верувале во апокалипсата. Некои научници сметаат дека Јован припаѓал во оваа група, чии ритуали биле често поврзувани со крштевањето,[6] иако за ова нема никакви докази.

Раѓањето и службата на светиот Христов претеча ги претскажале пророците Исаија (40,3) и Малахија (4:5), како и самиот архангел Гаврил (Лк 1:5-15). Јовановото рождество детално го изложил апостол Лука во своето евангелие. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди спасителот, Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време, Захарија со својата жена Елисавета, сè уште немале деца, што во тоа време се сметало за божја казна и голема несреќа бидејќи биле во доста возрасни. Според преданието, и двајцата постојано го молеле Господ да им даде рожба и Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш, кога Захарија во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син што ќе се вика Јован. Кога се родил синот, според обичајот, требало да го носи името на таткото, но кога Захарија го запрашале за името, тој рекол да се вика Јован и раскажал дека детето ќе биде пророк, што ќе оди пред спасителот и ќе му го подготвува патот.
Инаку, според светото предание, св. Јован Крстител и Исус биле роднини, зашто мајка му на св. Јован, Елисавета, ѝ била тетка на мајката на Исус, Марија.[7]

Проповедање

[уреди | уреди извор]

Во младоста, Јован живеел во пустината во близина на долниот тек на реката Јордан. Кога наполнил 30 години, тој ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Според евангелистот Лука, Јован ја започнал својата проповед во 15 година од царувањето на Тибериј, во времето на јудејскиот намесник Понтиј Пилат и Ирод Антипа. Првичното место на служба му била јорданската пустина, а потоа јорданскиот брег. Тој често проповедал:

По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух

Во тоа време, Исус се подготвувал за својата мисија. Но, според тогашните закони, учител можело да биде лице со наполнети 30 години. Затоа и Исус, кога наполнил 30 години, дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован, кој дотогаш не го имал видено, според евангелието, веднаш се сетил дека тој е Спасителот. Во почетокот, Јован го одвратил, велејќи му:

Јас треба од тебе да бидам крстен, а ти при мене ли доаѓаш?

Но, кога Исус му рекол: „Остави го сега тоа зошто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“, Јован го крстил, во водата.

Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римското Царство го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја, Ирод Антипа. Тоа бил синот на стариот Ирод, оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем во времето кога требало да се роди Исус Христос. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез, по име Арета. Но тој, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип, кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал:

Не ти личи да ја земеш жената на брат ти

Погубување

[уреди | уреди извор]
Главата на Јован Крстител на мозаик во „Св. Троица“ во Радовиш

Особено лута и осветољубива била Иродијада. И таа чекала прилика да му се освети. Еднаш, кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ, меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада, која што со својата игра толку го занесла Ирода што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде сè што ќе посака, дури и да се работи за половината од царството. Саломија не знаела што да посака, па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка, која долго го чекала овој час (зашто не можела да му го прости јавното разобличување), веднаш ѝ рекла да ја побара главата на Јован. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирода, тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни. За кусо време, девојката ја имала на послужавник главата на Свети Јован, која ја предала на својата мајка. И по неговата смрт, Иродијада продолжила да се изживува над мртвото тело на Св. Јован, бодејќи го неговиот јазик со игли. Според преданието, телото на Јован го зеле неговите ученици и го погребале, а главата ја зела Иродијада, која ја закопала во дворецот на Ирод, плашејќи се наводно да не може да воскресне Јован. Сепак, еден чесен дворски слуга ја закопал главата на светецот.[7]

Евангелистот Лука, кој посакал да го пренесе Јовановото тело од Севастија, во којашто големиот Пророк бил убиен од царот Ирод во Антиохија, родното место на Св. Лука, успеал да ја пренесе само едната рака на Свети Јован, којашто во Антиохија била чувана до 10 век. Потоа, таа била пренесена во Цариград, но во времето на Турците исчезнала оттаму.

Според преданието, во следните години, некој богат човек се замонашил во Елеонорската гора, па по неколку години сакал да прави своја ќелија на местото во дворецот. По започнување на ископувањата, тој ја пронашол главата на Јован.

За раката на светителот се раскажува дека секоја година на денот на неговиот спомен архијерејот Антиохиски ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна.

Празнување

[уреди | уреди извор]

Празникот Свети Јован Крстител се прославува неколкупати во годината, но народот најмногу го празнува овој ден, 20 јануари по македонскиот православен црковен календар. Исто така, во православната црква се празнува и денот на отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител (11 септември).[7] Меѓу евангелските личности околу Исус Христос тој има посебно место:

  • според начинот на доаѓањето во светот
  • како Крстител на Месијата Исус Христос
  • според улогата на Крстител на луѓето за покајание
  • според трагичното заминување од овој живот со исекувањето на неговата глава.

Наоѓање на главата на Свети Јован Крстител

[уреди | уреди извор]

Великиот и славен Крстител Јован бил убиен по желба и наговор на злобната Иродијада, жената на царот Ирод. Откако му ја отсекле главата, Иродијада наредила да не му ја погребуваат заедно со телото, зашто се плашела дека страшниот Пророк би можел некако да воскресне. Затоа ја зеле неговата глава и ја закопале на едно скриено и бесчесно место длабоко во земјата. Нејзината дворјанка Јоана, жената на Хуза, не можела да трпи главата на Божјиот човек да остане на она бесчесно место, па тајно ја откопала, ја однела во Ерусалим и ја закопала на Елеонската Гора.

Не знаејќи за сето тоа, кога царот Ирод дознал дека Исус врши големи чуда, се уплашил и рекол: „Тоа е Јован кого што јас го убив, стана од мртвите“ (Марко 6, 16). По извесно време еден угледен богаташ поверувал во Христа, ја оставил својата висока позиција и се замонашил, па како монах со името Инокентиј се населил на Елеонската Гора токму на она место каде што била закопана главата на Свети Јован Крстител. Сакајќи да си ѕида ќелија копал длабоко и пронашол земјен сад и во него глава за којашто на таинствен начин му било јавено дека е на Крстителот. Тој ја целивал и ја закопал на истото место. По Божја Промисла оваа чудотворна глава подоцна одела од рака на рака и понирала во мракот на заборавот па одново била објавувана, додека најпосле во времето на благочестивата царица Теодора - мајка на Михаил а жена на царот Теофил - и во времето на патријархот Игнатиј, не била пренесена во Цариград. Од главата на Светиот Предвесник се извршиле многубројни чуда. Значајно и интересно е тоа што додека бил жив Свети Јован не извршил ниедно чудо (Марко 10, 41), а на неговите Свети мошти им се дал дар на чудотворство.

Во исламот

[уреди | уреди извор]

Јован се почитува во исламот како пророк („небиј“ или „пејгамбер“) Јахја ибн Закерија (يَـحـيٰى بن زَكَـرِيّا)[8], често наречен само Јахја. Муслиманите го сметаат за сведок на словото Божјо и за пророк кој е предвесник на доаѓањето на Исус (Иса).[9] Татко му Захарија (Зекерија) исто така се смета за пророк. Според исламските преданија, Јован е еден од личностите кои пророкот Мухамед ги сретнал[10] искачувајќи се низ седумте неба. Таму се поздравил со него и со Исус, пред да отиде на третото небо, воден од Архангелот Гаврил. Според Куранот, Бог го благословил Јован со мир на денот кога се родил и на денот на смртта.[11]

Во Куранот

[уреди | уреди извор]

Во Куранот, Бог честопати ја споменува постојаната молитва на Захарија за да му се роди син. Неговата жена била јалова неротка, поради што не се очекувало да зачне.[12] Како дар од Бога, жената (Елисавета) родила син по име „Јахја“ какво што немало друго дете. Согласно молитвата на Захариј, Јован и Исус станале вистински проповедници на Божјото слово[4] кое Израилитите со време го извитопериле. Според Куранот:

(Молитвата е услишана): „О Зекерија, Ние, навистина, ќе те зарадуваме со дете чие име е Јахја. Со такво име порано Ние никого не именувавме!“

(Зекерија) Рече: „Господаре мој, па како ќе имам дете кога жена ми е неротка, а јас паднав во старост длабока?“

(Бог) Рече: „Ете, така ти е.“ Пак рече: „Тоа за Господарот твој е лесно. Те создадов порано кога не беше ништо.“

(Зекерија) Рече: „Господаре мој, дај ми знамение некакво!“ Рече: „Знамение ти е тоа што не ќе им зборуваш на луѓето три вечери, а ќе бидеш здрав!“

— Куран, сура 19 (Мерјем), ајет 7[11]

Јован добро го држел светото слово (Книгата) и Бог му дал голема мудрост уште како дете.[11] Бил чист и благочестив, ги почитувал родителите и не бил дрзок и непослушен. Неговото познавање и разбирање на светото слово било поголемо дури и од најуважените учени во тоа време.[12] Исламската егзегеза вели дека Исус го испратил Јован со дванаесет ученици,[13] и проповедал пред самиот Исус да ги преземе неговите ученици.[4] The Quran says:

„О Јахја, прифати ја Книгата силно“ - и Ние му дадовме мудрост додека беше дете,

— Куран, сура 19 (Мерјем), ајет 12[11]

Бил мошне возљубен пророк на Бога поради неговата праведност и осудувањето на сето она што е грешно. Во Куранот се вели дека бил кроток и побожен, со скромност и чистина:

и нежност, исто така, од Нас, и чистота; беше богобојазлив,
учтив кон родителите свои, а не дрзок и непослушен.
И нека е селам на него, и на денот во кој е роден, и на денот во кој ќе умре, и на денот во кој ќе биде оживеан!

— Куран, сура 19 (Мерјем), ајет 13–15[11]

Јован силно се чествува во суфизмот и исламскиот мистицизам поради неговата чистота и добрина.[14] Се даваат пофалби за неговата мудрост уште во детството и сличностите со Исус.

Моштите на св. Јован Крстител се наоѓаат на неколку места низ светот:

Во Бугарија, на 28 јули 2010 година, на островот Свети Јован, блиску до Созопол, била откриена реликва, која содржи делови од рака, од лице и заб. Според некои бугарски научници, станува збор за останки на Свети Јован Крстител.[15][16]

  1. Според Куранот
  2. Wetterau, Bruce. World history. New York: Henry Holt and company. 1994.
  3. John P. Meier's A Marginal Jew, v. 1, ch. 11; also H.H. Ben-Sasson, A History of the Jewish People, Harvard University Press, 1976, ISBN 0-674-39731-2, page 251: "But after the first agitation (which occurred in the wake of the first Roman census) had faded out, we no longer hear of bloodshed in Judea until the days of Pilate."
  4. 4,0 4,1 4,2 A-Z of Prophets in Islam and Judaism, B. M. Wheeler, John the Baptist
  5. "Pharisees." Cross, F. L., ed. The Oxford dictionary of the Christian church. New York: Oxford University Press. 2005
  6. Harris, Stephen L. (1985) Understanding the Bible. Palo Alto: Mayfield; p. 382
  7. 7,0 7,1 7,2 „На Свети Јован Отсечен не се јаделе ниту домати оти потсетувале на крвта на светителот“, Дневник, година XIX, број 5862, петок, 11 септември, стр. 32.
  8. „Prophet John“. Архивирано од изворникот на 2012-07-10. Посетено на 2020-03-18.
  9. "Yahya", Encyclopedia of Islam
  10. Ibn Ishaq, Sirat Rasul Allah, Mi'raj
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 Сура 19 Мерјем — Куран на Македонски
  12. 12,0 12,1 Lives of the Prophets, Leila Azzam, John and Zechariah
  13. Tabari, i, 712
  14. Encyclopedia of Islam, Yahya ibn Zakkariya, Online web.
  15. „В Созопол бе отворен реликварият с мощите на Св. Йоан Кръстител“ (бугарски). Архивирано од изворникот на 2010-08-05. Посетено на 2011-06-10.
  16. „Мощи на Йоан Кръстител са открити край Созопол“ (бугарски). Посетено на 2011-06-10.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
pFad - Phonifier reborn

Pfad - The Proxy pFad of © 2024 Garber Painting. All rights reserved.

Note: This service is not intended for secure transactions such as banking, social media, email, or purchasing. Use at your own risk. We assume no liability whatsoever for broken pages.


Alternative Proxies:

Alternative Proxy

pFad Proxy

pFad v3 Proxy

pFad v4 Proxy