Елбасан или Коњух (албански: Elbasani) — град на реката Шкумба во средна Албанија во кој, според податоците од 2011 г, живеат околу 79.810 жители. Елбасан е еден од најголемите градови во Албанија и е административен центар на истоимената област којашто опфаќа 4 околии: Елбасанска околија, Грамшова околија, Либраждова околија и Пеќинска околија. Во Елбасан живее бројна македонска заедница. Словенскиот назив за градот е Коњух.
Во текот на историјата, Елбасан бил под контрола на различни народи, Турци, Срби, Бугари, Австријци и Италијанци. Градот останал центар на исламот во Албанија и после турската власт. Откако на Битолскиот конгрес во 1908 година латиницата е избрана за пишан албански јазик, муслиманските активисти, под влијание на Младотурците, одржале демонстрации за арапско писмо во Елбасан.
До почетокот на Втората светска војна, Елбасан личел на типичен османски град, со мешавина на источни и средновековни згради, тесно поплочени улици и голем пазар.
Во центарот на градот постои православна црква, а околу 7 километри надвор од градот постои стар манастир и православна црква каде што моштите на Јован Владимир, чувани од 1381 до 1995 година, се префрлени во соборната црква во Тирана.